Бум на странски инвестиции во Македонија како никогаш досега

Политиката на привлекување е една од најуспешните. Пред изборите 17 компании ги објавија своите инвестиции, а до сега уште 6 компании ги објавија своите одлуки и уште 6 донесоа интерни одлуки, а 2 одлучија да ги прошират своите капацитети. Инвеститорите кои пред изборите објавија дека ќе инвестирааат во Македонија, активно работат на отворање или подготовка на нови фабрики. Меѓу нив се „Дијатек“ од Италија, „Веибо груп“ од Турција, украинска „Енергија“, „Маркарт“ од Германија, пишува Лидер.

Какви компании ќе инвестираат и каде ?

-Во шесте компании што донесоа одлука за инвестирање се Монтанте груп од Италија од каде објавија изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1 за производство на амротизери за тешки возила, во висина од 100 милиони евра со 100 вработувања, но со потенцијал до 400 вработувања, како и „Мач груп“ турска компанија од земјоделството која купи земјоделско земјиште и планира изградба на откупен ценар и инвестиции во земјоделството. „Демпо груп“ од Турција која се занимава со производство на амбалажа, јаглен и мермер, објави дека ќе инвестира во две фабрики во Македонија, првата инвестиција е од 3 милиони долари во фабрика за производство на амбалажа со 150 вработувања, а втората инвестиција во фабрика за производоство на мермер и мозаици, во вредност од исто така 3 милиони долари и планирани 150 вработувања, но со тенденција за вработување на 400 лица во следниот период. Четврта компанија е „Смирна“ од Турција која веќе има инвестиција во Битола, планира купување земјиште во Могила и Новаци и тоа го објави, а после тоа планира да се прошири и во Росоман. Целта им е создавање нови садници и изградба на откупно дистрибутивни центри. Петта е компанијата ОХИ груп од Турција која објави дека веќе е во финиш на подготовките да отвори фабрика за гуми и лепила која ќе вработува 400 работници. Шестата компанија, „Пролајн“ од Турција, објави инвестиција во фабрика за производство на пластика во вредност од најмалку три милиони евра и почетни 50 вработувања,  изјави Никола Груевски, премиер на Р. М.

Компании кои донеле интерни одлуки

Германска компанија ќе инвестира во ТИРЗ Скопје 2 во фабрика за електрични уреди, со можност за вработување на 500 работни места, од кои голем број струлно образовани кадри. Глобална компанија од САД од автомобилската индустрија има донесени одлука за инвестирање во ТИРЗ Скопје 1, вкупната инвестиција е 15 милиони евра, а планираат отворање 400 работни места. Компанија од Турција има донесено одлука да инвестира во Македонија во капацитети за производство на прехранбени продукти, американска глобална компанија од секторот за аутсорсинг реши да се прошири во Македонија и во рок од две години да отвори 300 работни места, а во подолг рок 1.000 работни места. Мешовита американско и западноевропска интернационална компанија има донесено интерна одлука да инвестира во прилепско мариовскиот регион, со најмалку 1.000 вработувања. Компанија со седиште во САД има донесено интерна одлука да инвестира во Македонија и да отвори капацитети во Скопје и во Битола и да отвори 2.000 работни места“ истакна Груевски.

Пешевски: Македонија знае што прави и е на добар пат

Македонија со своите економски политики, со она што го прават компаниите и инвеститорите, покажува дека знае што прави и е на добар пат, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

-Имаме раст на индустриското производство во првата половина на годината, имаме раст на извозот, значителен раст кај странските инвестиции, особено имаме раст кај извозот од индустриските зони,кој што е преку 90 проценти споредено со минатата година. Укажувањата се дека ќе имаме една, економски гледано, добра година, од досегашните резултати, рече Пешевски.

Инфраструктурата – приоритет

-Веќе се во фаза на изградба три автопатски делници, сите тие се договарани од оваа Влада во претходниот период. Имаме проекти во делот на енергетиката, целосно нов ветерен парк, обновени и рехабилитирани се сите постоечки хидроцентрали, изградени се голем број на регионални и локални патишта, се гради пругата кон Бугарија, како и низа на други помали инфраструктурни проекти, изјави вицепремиерот.

Извозот од странските инвеститори во зоните урива рекорди

Во првите осум месеци од годината извозот од зоните изнесувал 750 милиони евра. Ако се споредат податоците може да се констатира дека само за осум месеци годинава е постигнат извоз од слободните зони колку што беше цела 2013 година. Извозот од зоните од почетокот на 2014 година бележи континуиран раст, според податоците на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

-Растот на извозот се должи на фактот што имаме нови компании кои се функционални и кои во текот на 2013 година се уште не работеа како компаниите: “Ван Хол“ во Скопје2, “Џонсон контролс“ во Штип, втората фаза на “Џонсон Мети“ во Скопје 1, поголемиот обем на производство на “Кемет“, но забележано е и драстично зголемување на извозот на “Текнохозе, вели за Лидер директорот на ТИРЗ Виктор Мизо.

Според Мизо зголемувањето на извозот е показател како на ефикасноста на производството на компаниите во Македонија, така и на заздравувањето на европската економија. Според податоците од Дирекцијата, “Џонсон Мети“ континуирано ги руши сопствените рекорди за извоз од зоните.

Во 2014- та извозот од зоните над милијарда евра и над 3500 вработени

-Во првите осум месеци од 2014 година речиси го достигнавме нивото на реализиран извоз на годишно ниво во 2013 година, кој изнесуваше 760 милиони евра извоз од ТИРЗ. Досегашниот реализиран извоз е позитивен импулс дека во 2014 година извозот од зоните на годишно ниво ќе биде над 1 милијарда евра – вели Мизо.

Освен раст на извозот, од најавените странски инвестиции се очекува да се отворат и многу работни места и да се намали стапката на невработеност во земјава.

29.09.2014 - 08:42

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа