Одбележан глобалниот ден за безбеден и легален абортус

Прекинувањето бременост е животен факт и не може да се сопре со ригидни закони. Земјите кои го почитуваат правото на жената, немаат ограничувачка законска регулатива и обезбедуваат пристап до безбеден абортус, имаат најмала стапка на абортус. 

Ова е пораката што денеска по повод Глобалниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус ја упати Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА .  Кампањата покрај ХЕРА во Македонија ја поддржаа здруженијата „Реактор“, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализираните заедници, Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ, ЕСЕ – здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, Акција Здруженска и Бори се женски.

Кампањата се одржува под слоганот „Замислете свет во кој нема осуда на абортусот“.

- Оваа порака е поврзана со фактот дека една од три жени во текот на својот живот ја прекинува бременоста, а сепак во 66 земји во светот абортусот со законите е или целосно забранет или отежнат со што оваа интервенција се изведува вон медицинските установи, нелегално и нестручно, а со тоа се загрозуваат животите на милиони жени во светот, соопшти ХЕРА. 

Според Здружението, во Македонија по ограничувањата на пристапот кон абортус со Законот од 2013 година се регистрирани неколку случаи во кои жени со сериозни медицински индикации за абортус се оставени да чекаат три дена пред да ја добијат медицинската интервенција со што нивните животи и здравје се поставени под висок ризик и се изложени на нехуман третман.

ХЕРА ги повика сите жени, кои при остварувањето на загарантираното право за абортус се соочиле со пречки и неправилности или доколку нивното достоинство било нарушено, да се обратат во Здружението за медицинска, психо-социјална и правна поддршка. 

28.09.2014 - 15:26

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега