Идната недела „Бела ноќ“ во Скопје

Идниот викенд, 4-ти кон 5 октомври, Град Скопје ќе ја организира 10-тата манифестација „Бела ноќ“, во која ќе бидат вклучени културните институции под надлежност на градот и национални установи кои ќе примаат посетители до раните утрински часови.

Програмата на 10-тата „Бела ноќ“  денеска на прес-конференција ја соопшти Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар, и очекува граѓаните кои, како што рече, се гладни за различни видови уметност, масовно да ги посетат настаните.

- Организиравме десет музички сцени со десет различни музички жанрови - рок, џез, хеви-метал, хип-хоп..., а како посебен настан  би сакал да го издвојам настапот на хорот „Перпетум џезиле“ од Словенија на плоштадот Пела од 21 часот. Седумдесет членови, големи амбасадори и на македонската музика и на преработките на големи музички хитови, кои на Јутјуб имаат милиони посети. Посебно за оваа година е што по подолг период националните установи, исто така,  учествуваат во „Белата ноќ“ и тоа што годинава наместо традиционалното отворање во Музејот на Град Скопје, манифестацијата ќе почне во Даут-пашиниот амам од 20 часот со ретроспективната изложба на големиот Василие Поповиќ-Цицо, рече Стевковски.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски ги повика скопјани и жителите од цела држава во што поголем број да ја посетат јубилејната „Бела ноќ“ зашто, рече тој, за сите вкусови ќе има по некој настан, содржини од различни жанрови, на многу локации во главниот град и на скоро сите јавни места.

Тој е задоволен од изминатите девет изданија. - Жителите на Скопје и пошироко, од Македонија, многу добро ја прифатија оваа културна манифестација организирана од Град Скопје и културните институции во Скопје. За тоа говори огромната посетеност на белите ноќи, рече Трајановски.

Покрај домашни уметници, на годинашната „Бела ноќ“ ќе има и гости од Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и од сите балкански земји. Цела ноќ за посетителите ќе бидат отворени и вратите на Музејот на современа уметност, Галеријата на МКЦ, галериите „Грал“, „3М“, „Арте“, „Галерија 8“, Музеј на Град Скопје, Културно-информативниот центар, Универзална сала..., како и 24-часовен филмски маратон во кино „Милениум“ кој ќе почне во 11 часот.

Настаните се бесплатни за посетителите, како и автобусите на ЈСП кои бесплатно ќе превезуваат кон центар од 19 часот на 4 октомври. Од 12 до 19 часот бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина, како и автобусите со броеви 8 и 15А кои поминуват пред ЗОО.

25.09.2014 - 14:24


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа