Инцидент меѓу навивачите на „Шкендија“ и „Вардар“ во Тетово

На 24.09.2014 година околу 16.00 часот со автобус ангажиран во сопствена режија, во Тетово пристигнале четириесетина навивачи на Фудбалскиот клуб „Вардар“ од Скопје и по улицата „Благоја Тоска“ пеш се упатиле кон градскиот стадион со намера да присуствуваат на првоглигашкиот натпревар меѓу домашната „Шкендија“ и „Вардар“.

Тие немале билети за натпреварот, ниту било договорено меѓу клубовите присуство  на гостински навивачи односно заради потенцијален ризик клубовите се договориле да не се носат организирано гостински навивачи на натпреварот.

МВР денеска соопшти дека тие набрзо биле пресретнати од 40 до 50 навивачи на „Шкендија“, кои во меѓувреме разбрале за нивното пристигнување и излегле од стадионот, меѓутоа со интервенција на полициски службеници од СВР Тетово спречен е физички контакт меѓу двете групи. Тогаш, навивачите на „Шкендија“ започнале да фрлаат со камења кон навивачите на „Вардар“, а тие им возвратиле. Притоа, оштетени се три патнички возила и едно службено возило на СВР Тетово, повредени нема.  По кусо време, навивачите на „Вардар“ се внесени во автобусот со кој дошле и испратени се кон Скопје, додека навивачите на „Шкендија“ се вратени на градскиот стадион.

По завршувањето на натпреварот, група навивачи на „Шкендија“, кои се наоѓале на западната трибина, се обиделе да ја пресокнат металната ограда и да влезат на теренот, но биле спречени  во тоа, па следело фрлање со камења и по главата бил погоден и повреден гостинскиот голман И.П.(32).

Навивачката група, потоа се разотишла без други инциденти. Се преземаат активности за идентификување на учесниците во овие инциденти, кои ќе се соочат со соодветни поднесоци

25.09.2014 - 12:30


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега