Падна крв низ скопските улици

Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно девет сообраќајни незгоди.

Од нив, четири се со последица материјална штета и четири со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле пет возачи на патничко моторно возило.

Се случила и една незгода со тешки телесни повреди во 9 часот на ул. „Џон Кенеди“ пред зграда бр. 2, во која учествувале велосипед, управуван од граѓанин на Скопје и пешак, граѓанин на Скопје. Во незгодата со тешки телесни повредни се здобил велосипедистот, а со телесни повреди пешакот. Со возило на Брза помош пренесени се во здравствена установа каде што им е укажана лекарска помош.

Според евиденцијата на сообраќајната полиција, се случиле уште две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 18 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење. Од нив, седум возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, 20 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото, четворица возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, седум возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан  пешачки премин, двајца возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и 22 возачи кои ги управувале своите возила по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола.

Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 60 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои со возилата непрописно се престроиле пред крстосница, не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе реализира едукативна работилница во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ на подрачјето на општина Аеродром, со учениците од второ и четврто одделение.

Денеска во времето од 9 до 13 часот на крстосниците од ул. „Пролет“ со ул. „11 Октомври“, бул. „Кочо Рацин“ со ул. „11 Октомври“, бул. „Крсте Мисирков“ со бул. „Кузман Јосифоски Питу“ и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ со ул. „Беласица“ ќе биде реализирана обука за физичка регулација на сообраќајот на кандидатите за полициски службеници. Обуката ќе биде реализирана од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај и Центарот за обука при МВР. Апел до возачите да бидат претпазливи, толерантни и да ги почитуваат знаците што ќе ги даваат полициските службеници. 

25.09.2014 - 10:21


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега