Трета фаза од изградбата на водоснабдителен систем во Липково

Во општина Липково денеска стартуваше третата фаза за изградбата на првиот и третиот крак од проектот водоснабдителен систем.

На денешната свеченост на отпочнување на градбените активности присуствуваше министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, кој истакна дека  станува збор за изградба на регионален систем од кој бенефит ќе имаат не само жителите на Липково, туку и на соседните општини Куманово и Арачиново.

- Ова е проект за регионалниот  водоснабдителен систем на Липково. Средствата се одобрени од Владата во вредност од 59 милиони денари и се очекува целиот проект да се заокружи за шеснаесет месеци, вели Изаири.

Во првата фаза опфатена е општина Липково, потоа следува дел од општина Куманово, неколку села, понатаму можеби ќе се приклучи и други села од други општини, т.е општина Арачиново.

Министерот за локална самоуправа Љирим Шабани посочи дека ваквите проекти ја покажуваат добрата соработка помеѓу централната и локалната власт и најави дека продолжува поддршката на Министертвото за локална самоуправа за сите општини во државата.

Градоначалникот на општина Липково, Садула Дураку истакна дека овој проект е еден од најважните за жителите на општината. Тој се надева дека проектот ќе заврши во предвидениот рок и дека жителите на Липково ќе имаат регуларно водоснабдување.

Изведувач на работите за крак 1 и крак 3 е фирмата „Вардар градба“ од Трубарево. На денешното отпочнување на изградбата на третата фаза од проектот за водоснабдителен систем присуствуваа заменик-претседателот на Владата за спроведување на Рамковниот договор,Муса Џафери, министерот за образование Абдилаќим Адеми, како и пратеници во Собранието, претставници од локалната власт на Липково и граѓани. 

24.09.2014 - 18:35


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега