Пациентите непотребно се зрачат на компјутерска томографија

Над 41 процент од пациентите во Македонија беспотребно се упатени на снимање на компјутерска томографија и магнетна резонанца, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров според податоците детектирани од системот „Мој термин“.

Од јануари до јули 2014 година биле напревени 15.468 прегледи на компјутерска томографија заведена во електронскиот систем на „Мој термин“, додека 7.086 биле направени на магнетна резонанца. Во однос на упатите 41 процент за компјутерска томогравија и 24  отсто од магнетна резонанца биле упати без наод.

- Токму поради тоа целта ни е да укажеме на последиците од упатување на пациентите на овие снимања кога нема медицински индикации согласно упатствата на медицина базирана на докази, односно упатството за начинот на упатување на дијагностички процедури за радиолошка дијагностика и начинот на  издавање на резултат за ренген дијагностика, компјутерска томографија, магнетна резонанца и момографија, истакна Тодоров.

Според податоците по здравствени установи процентуално каде не се пронајдени наоди од испитувањата по компјутерска томографија на прво место е болницата во Штип со 60 проценти и општата болница во Велес со 54 отсто. Во однос на магнетната резонанца најмогу снимања без утврдена дијагноза има во Штип од 50 проценти. Најмалку од испитувањата каде не е утврдена дијагноза има во старата градска болница „Свети Наум Охридски“ со 17 проценти во компјутерска томографија и 11 отсто кај магнатна резонанца.

- За таа цел Министерството за здравство ќе подготви кратка брошура во која концизно ќе бидат наведени сите упатства и протоколи согласно медицината базирана на докази. Брошурата ќе биде доставена до сите доктори специјалисти кои можат да упатуваат на компјутерска томографија и магнетна резонанца, истакна Тодоров.

Појасни дека докторот кој што упатил пациенти на компјутерска томографија или магнетна резонанца, кај кого над 20 проценти од наодите се негативни, ќе биде упатен на дополнителна обука. Министерството за здравство ќе ги информира и директорите на здравствените установи за тоа кој специјалист беспотребно праќа пациенти на такви снимања.

Министерот со примери појасни доколку се намалат непотребните упати за снимања  на 15 отсто, времето на чекање во Штип за компјутерска томографија каде се чека по 13 дена ќе се намали, односно снимањето ќе може да се изврши веднаш истиот ден откако е упатен пациентот.

Со овие мерки според Тодоров ќе се заштити здравјето на пациентите, ќе се намали времето на чекање за снимање на пациентите кои имаат реална потреба за компјутерска томографија или магнетна резонанца како и ќе се заштеди во сервисирање на опремата на машините со кои се вршат снимањата. 

24.09.2014 - 15:52


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега