Нема инсулинска криза во Македонија

Инсулинските аналози кои се употребуваат во Македонија се со еднаков квалитет при што недостиг на еден инсулински аналог се заменува со друг инсулински аналог, но не и со хуман инсулин, што значи дека не се променува видот на инсулинот и не постои никаков медицински ризик за пациентите. Недостиг на еден инсулински аналог не претставува инсулинска криза.

Ова денеска во соопштение го посочува директорката на Клиниката за ендокринологија, проф. д-р Славица Шубеска Стратрова, која истакнува дека пациентите со дијабетес примаат најквалитетни инсулини кои се потврдени со голем број стручни и научни студии. Процентот на пациенти (80%) кои се лекуваат со инсулински аналози (кои се многу поскапи), вели таа, е многу повисок во Македонија во споредба со други побогати земји.

- Во инсулинските аптеки секогаш има доволни количини на инсулински аналози со еднаков висок квалитет со што се потврдува фактот дека нема инсулинска криза. Недостиг на еден инсулински аналог не претставува инсулинска криза. Недостиг на лек од било кој производител при постоење на истиот лек од друг производител не укажува на криза, вели Шубеска Стратрова.

Во Центарот за дијабет при Клиниката за ендокринологија, потенцира таа, пациентите добиваат потврда со која го добиваат препишаниот инсулин од инсулинската аптека.

- Ниеден пациент не се вратил на Клиниката за ендокринологија да се пожали дека не го добил препишаниот инсулин од инсулинската аптека. Тоа уште еднаш потврдува дека нема инсулинска криза. Исто така, бројот на хоспитализирани пациенти на Клиниката не е зголемен, што зборува дека нема зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребна корекција на гликемиската регулацијата на дијабетот. Хоспиталниот дел на Клиниката има доволно количини на сите потребни инсулини, укажува Шубеска Стратрова.

Нагласува дека Клиниката апелирала за дополнителна едукација за апликација на инсулинот особено на пациентите на кои им е сменет инсулинот затоа што секој инсулин се аплицира со посебно инсулинско пенкало и со добрата едукација ќе се избегне настанување на техничка грешка при апликација на било кој инсулин.

Клиниката за ендокринологија, вели, во повеќе наврати вршеше едукација на медицинските кадри во сите Дијабетолошки центри во Македонија кои препишуваат инсулин. Исто така дијабетолошките центри покрај гликемиска контрола вршат едукација, индивидуална или групна на сите пациенти со дијабетес за правилна апликација на инсулинската терапија со сите видови на инсулински пенкала како и едукација за правилна исхрана, физичка активност, односно правилен животен стил.

- Докторот кој го препишува инсулинот го едуцира пациентот за апликација на инсулиот и за можните компликации од нестручното ракување со инсулинското пенкало. Пациентите на кои им е потребна дополнителна едукација докторот ги упатува во Одделението за едукација. Клиниката за ендокринологија повеќе од 16 години има Одделение за едукација на пациентите со дијабетес каде што се држат предавања за запознавање на пациентите со дијабетесот и негово третирање, истакнува Шубеска Стратрова.

Пациентите кои имаат потреба од доедукација за апликацијата на инсулинската терапија можат да се пријават на Клиниката на тел. 3147 264 за да се вклучат во групна едукација.

- Клиниката за ендокринологија ги прима сите пациенти со приоритетен или ургентен упат истиот ден за консултација од било каков карактер, додава директорката на таа јавна здравствена установа. 

22.09.2014 - 12:02


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега