Донесен Законот за превенција, заштита и спречување на семејното насилство

 

Поголема превенција, поефикасни мерки за заштита на жртвите од семејно насилство, како отстранување на сторителот на насилството од домот, прецизирање на сите обврски на вклучените институции, како и рокови во кои треба да ги преземат активностите и мерките за заштита, нивна меѓусебна координација, мерки за економско јакнење на жртвите на ваков тип насилство, се дел од решенијата од Законот за превенција, заштита и спречување на семејното насилство кој денеска беше усвоен во Собранието на Република Македонија.

 

Законот го третира овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат начелото на итност и одговорност на надлежните институции и интерсекторското постапување и координирање.

Законот предвидува жртвите на семејно насилство да имаат приоритет во активните мерки и политики за вработување што треба да придонесе за нивно побрзо и поефикасно економско јакнење на и полесно вклучување на пазарот на труд, наоѓање соодветна работа за да можат економски да бидат независни и способни да го продолжат својот живот.

Со него се овозможува поголема заштита преку обезбедување построги мерки за сторителите на семејно насилство. Доколку постои опасност по здравјето и животот на жртвата или член на семејството по пријава од страна на полицијата судот во рок од 24 часа треба да донесе привремена мерка за заштита на жртвата - отстранување на сторителот на семејното насилство од живеалиштето. Се подигнува и нивото на координација на институциите и дефинирање на сите надлежности на вклучените институции во спроведувањето на активностите за превенција, заштита и спречување на семејно насилство.

Се овозможува значително поголема превенција на семејното насилство, преку предвидени модули за ненасилно однесување во семејството во сите степени на образованието и предучилишното воспитување.  

Усвоениот закон предвидува проширување на опсегот на заштита и на жртвите на економско искористување, се утврдуваат надлежностите на институциите кои се одговорни да постапуваат во овие случаи и одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или ценатар за социјална работа. Исто така се дефинираат обврските на центрите за социјална работа и мерките кои треба да ги преземат за заштита на жртвите, но и итните рокови во кои треба да ги преземат соодветните постапки и активности, се прецизираат надлежностите на здравствените работници.

Се предвидува привремените мерки за заштита да ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа, се подобрува регулативата во однос на подигнување на нивото на изречените судски мерки за заштита од семејното насилство. Во оваа насока предвидена е парична казна за непочитување на одлуката.

Во предложениот закон се определуваат постапките и роковите во кои тие треба да ги преземе овластениот полициски службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство. Најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата тој треба да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување привремена мерка за заштита - отстранување на сторителот од домот и забранување на приближување до домот кој заедно со полицискиот извештај треба да го достави до надлежниот основен суд. Тој треба д го извести и надлежниот Центар за заштита заради преземање мерки за заштита на насилството.

Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита врз основа на стручен наод и мислење на Центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку 14 дена. Изречената одлука за привремената мерка за заштита судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште треба да ја достави до органот за прогон, кој во рок од 12 часа по приемот ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку тој доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.

Собранието попладнево ги донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Законот за изменување дополнување на Законот за јавните претпријатија, Законот за изменување и дополнување на Законот за возила и Законот за дополнување на Законот за спортот.

Пратениците во прво читање ги поддржаа и Предлог законот за задолжителни нафтени резерви, Предлог законот за дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, а ја завршија и расправата по Предлог законот за заштита и благосостојба на животните, кој е во прво читање.

Собранието оваа 15. седница ќе ја продолжи утре во 12 часот. 

15.09.2014 - 19:17


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега