Идните европски комесари ќе бидат избрани во Стразбур откако ќе бидат испрашани во Брисел

 

Европскиот парламент на пленарна седница во Стразбур на 22 октомври ќе гласа за новиот состав на Европската комисија предводен од Жан-Клод Јункер, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Сегашните 27 кандидати за комесари што завчера Јункер официјално ги објави, најпрво ќе треба да го минат филтерот на парламентарните комитети задолжени за ресорите што тие е предвидено да ги предводат во иднина, при што сослушувањата ќе се одржат од 29 септември до 7 октомври.

Како што предмалку објави Европарламентот, точниот распоред кога и кој комесар ќе се појави пред комитетот на ЕП ќе да се утврди следната недела, а доколку еден или повеќе кандидати се совпаднат на испитите пред европратениците или имаат промена на портфолиото, тогаш е предвидено да се одржат дополнителни рочишта.

Во овој контекст, освен Јункер, сите 27 идни комесари ќе треба да минат на сослушувањата, меѓу кои и предложениот иден комесар за проширување Јоханес Хан, кој ќе треба да се појави пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Потоа, како што е предвидено лидерите на политичките групи во ЕП на Конференција на претседатели, закажана за 9-ти октомври, ќе треба да ги оценат испитните рочишта на номинираните комесари.

Европскиот парламент, за тоа дали или не ја одобрува новата неформална Влада на Европската унија ќе гласа на пленарна седница во Стразбур на 22 октомври. Ова ќе и овозможи на новата Комисија да почне со работа на 1-ви ноември.

Во започнувањето на сослушувањата на идните коемсари, парламентарните комитети ќе испратат писмени прашања до кандидатите на 18-ти септември, што ќе треба да се одговорат во писмена форма до 26-ти септември. Во нив ќе има две општи прашања кои ќе бидат заеднички за сите во рамки на нивните идни надлежности, портфолија и соработката со Европарламентот, а три прашања ќе се состават од релевантниот комитет. Сослушувањата е предвидено да траат најмалку три часа и ќе се емитуваат и во живо на парламентарната ТВ, додека кандидатите за комесарите ќе може да дадат воведна изјава, по што европратениците ќе поставуваат прашања.

Секој комитет на ЕП ќе изготви снимена проценка, која потоа ќе биде испратена до претседателот на европскиот законодавен дом, Мартин Шулц. А, за комесарите кои Јункер предложи во иднина да имаат хоризонтални надлежности, ќе бидат направени специјални аранжмани, па тие ќе настапат пред повеќе комитети на Европарламентот.

Откако ќе бидат изгласани од страна на ЕП, идните еврокомесари на чело со Јункер, првиот потпретседател Франс Тимерманс и Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, ќе имаат мандат од пет години.

12.09.2014 - 15:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега