Во Ирак злосторства вршеле и исламистите и силите на владата

И исламистичките борци и силите на ирачката Влада убивале цивили и вршеле злосторства во тримесечните судири во Ирак, изјавија високи претставници на Обединетите нации денеска во Женева на итната вонредна седница Советот на ОН за човекови права.

- Постои „силен доказ“ дека припадниците на џихадистичката организација „Исламската држава“ и групите поврзани со неа извршувале убиства врз цивили, принудна промена на верата, киднапирања, сексуални злоупотребувања и тортури, изјави заменик-високиот комесар на ОН за човекови права, Флавија Пансијери.

Ирачката полиција убивала затвореници, додека ирачките војници гранатирле и бомбардирале градови, каде загинале и биле ранети голем број цивили, изјави таа на седницата на Советот на ОН за човекови права.

- Систематските и намерните напади врз цивили можат да бидат воени злосторства и злосторства против човештвото. Одредени лица, вклучувајќи и команданти се одговорни за овие постапки, рече Пансијери.

Таа изрази голема загриженост поради протерувањето на христијани, јазиди, шиити, Туркемни и други етнички заедници, кои ги врши „Исламска држава“, која од јуни зазеде големи делови од западен и северен Ирак, протерувајќи 1,2 милиони Ирачани од нивните домови.

Денешната седница е свикана на барање на Ирак, со поддршка на сојузниците меѓу кои се и САД. Се очекува дека дебатата, во која учествуваат 47 земји да заврши со договор да се исполни барањето на Багдад за испраќање експертски тим ОН, кој треба да спроведе истрага за злосторствата, кои ги извршиле „Исламска држава“ и другите страни во тие судири.

Ирачкиот министер за човекови права, Мухамед Шија ал Судани изјави во текот на дебатата дека „Исламската држава“ извршила варварски злосторства врз цивилите во Ирак и дека таа организација претставува закана за територијалниот интегритет на Ирак, но и глобална закана.

ОН објавија дека во судирите во Ирак во август загинале најмалку 1.420 луѓе, а најмалку 1.370 се ранети. Овие податоци не ја  опфаќаат провинцијата Анбар.

01.09.2014 - 14:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега