Започнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Пелинце

Започнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Пелинце, информираат од НУ "Музеј" Куманово.

Истражувањата ќе ги спроведуваат археолози од археолошкиот музеј од Скопје и од музејот Куманово. Средствата за истражувањата на овој локалитет ги обезбедува Министерството за култура.

Како што објаснуваат надлежните, локалитетот Градиште е една од најголемите праисториски населби од бронзеното и железното време, лоцирана по долината на реката Пчиња.

- На овој локалитет се работи од 80-те години од минатиот век, а континуирано се истражува од 2007 година. Инаку, овој локалитет е познат по своето светилиште кое првo беше истражувано и даде значајни сознанија за бронзенодопската култура и обредна пракса во централниот балкански регион, вели директорката на кумановскиот музеј, Анита Цветановска.

Раководител на проектот е Александра Санев од Aрхеолошкиот музеј од Скопје, а ко-раководител е археологот од кумановскот музеј, Дејан Ѓорѓиевски.

Моментално, истражувањата се насочени кон праисториската населба од рано железно доба, информираат надлежните.

- Станува збор за праисториска населба од 9 и 8 век пред наша ера. Работиме на откривање на контурите на праисториска куќа, што е мошне значајно бидејќи има многу малку истражени населби од ваков тип во северо-источна Македонија, вели археологот Ѓорѓиевски.

При истражувањата, кои  ќе траат дваесетина дена, ќе се настојува да се обезеди материјал од внатрешноста на праисториската куќа, објаснува Ѓорѓиевски и додава дека пронајдените парчиња од керамика, во понатамошното истражување ќе служат како репер за хронолошко определување на другите населби од тој период. 

15.08.2014 - 14:34
Фото: 
денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа