Оштета за насилно стерилизираните лица

Чешкиот министер за човекови права Јиржи Динстбир и Хелсиншкиот комитет во земјата, подготвуваат Предлог-закон за обештетување на насилно стерилизирани лица од периодот на режимот во поранешна Чехословачка, јави дописникот на МИА од Прага.

Државата планира да одвои од 3.700- 5.500 евра, а се очекува да се јават околу илјада оштетени, од кои најголем процент се жени од ромско потекло.

- Целта е да се даде обештетување за значајното мешање на државата во физичкиот интегритетот на жртвите, што било направено без нивната слободна согласност, изјави портпаролката на Динстбир, Јармила Балажова за весникот „Лидове новини".

Законските норми се однесуваат на сите жртви, кои недоброволно биле стерилизирани во поранешниот режим, меѓу 1972 и 1991 година, кога се плаќаше надомест од 10.000 круни (околу 370 евра) доколку се „стави крај на плодноста".

За вршењето на присилна стерилизација на жените во земјата, особено на Ромките, прв пат јавноста беше запознаена во 2004 година, од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), кога повеќе жени се обратија кај Народниот правобранител, а некои правдата ја побараа пред надлежните судови.

Во 2009 година, надлежните Владини органи за почитување на човековите права јавно се извинија, но реагираше Комитетот на ОН, против расната дискриминација и дискриминацијата врз жените сметајќи дека извинувањето не е доволно.

Лигата за човекови права, минатата година соопшти дека во Чешка, праксата на присилна стерилизација не била применувана само врз ромските жени туку и кај голем број инвалидизирани лица сместени во специјализирани институции.

01.08.2014 - 16:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега