Две жртви и милионски штети - еве што направија поплавите во Хрватска

Во извештајот за мајските поплави, што денеска го усвои Хрватската Влада, се наведува дека биле загубени два човечки живота, дека штетата се мери во стотици милиони евра и дека се променети судбините на многу семејства.

Заменик-министерот за внатрешни работи Евелин Тонковиќ, на седницата на Владата рече дека санацијата на поплавениот терен е во тек, па вкупните трошоци не можат точно да се проценат.

Во поплавите настрадаа три славонски општини, беа уништени или оштетени 19 јавни згради, како и инфраструкура, а беа евакуирани околу девет илјади лица. Уништени се над 8.500 хектари земјоделски површини, а имаше и околу 11 илјади угинати животни.

- Со катастрофата беше управувано според правилата и со одредени тешкотии беше направено најмногу што можеше да се направи во дадените околности. По почетните жртви, немаше дополнителни страдања, зарази, кражби, а загрозеното население беше згрижено, рече заменик министерот.

Агенцијата Хина наведе дека хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и во оваа прилика потсети дека до сето ова немаше да дојде да не пукнеше новиот насип, а зошто дојде до тоа се уште не е познато.

- Нема јасен одговор зошто се случи тоа, новиот дел од насипот се распадна. Не знам дали некогаш ќе добиеме одговор што воопшто се случи, рече Милановиќ.

30.07.2014 - 13:50
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа