„Блиц“: Хашим Тачи ќе биде обвинет за воени злосторства?

Изјавата на главниот обвинител за истрагата за трговијата со човечки органи во Косово во 1999 година, Клинт Вилијамсон, дека лидерите на ОВК ќе бидат обвинети за злосторства врз Срби и неалбанци значи дека на листата на обвинети за воени злосторства ќе се најдат и поранешниот лидер на ОВК и косовски премиер во заминување Хашим Тачи и уште десетина членови на ОВК, пишува белградскиот весник „Блиц“.

Извор на весникот од Владата на Србија изјави дека „не треба да се изненадиме доколку пред новиот суд за злосторствата на ОВК се покренати и постапки за трговијата со органи“.

- Извештајот на обвинителот Вилијамсон е многу позитивен за Србија и претставува многу значајна работа. Полното значење ќе се види кога ќе дојде време за покренување на обвинението, додава изворот на белградскиот дневен весник.

Вилијамсон вчера во Брисел изјави дека не се најдени доволно докази дека на киднапирани лици во Косово во 1999 година насилно им биле вадени органи, но дека постојат докази за вмешаноста на врвот на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во етничко чистење.

- Тоа што засега нема докази за земање органи не значи дека нема да ги има, укажа Вилијамсон, додавајќи дека истрагата ќе продолжи.

30.07.2014 - 10:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа