Ќе се забрза постапката за посвојување деца

Забрзувањето на процедурата за посвојување деца, но и давањето на поголеми рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца е суштина на новите измени во Законот за семејство, кои Министерството за труд и социјална политика ги достави до Собранието за усвојување, пишува Дневник.

-Констатиравме дека децата престојуваат во установите или во друго семејство повеќе од една година. Долгиот престој на децата остава трајни последници врз правилниот психофизички раст и развој на децата. Потребно е да се намали времетраењето на престојот на децата во установите или другите семејства и да се намалат роковите за постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување, се потенцира во образложението.

Кога детето ќе може да биде сместено во семејството на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не му се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за цели три месеци.

Од друга страна, родителите што решиле да го дадат на посвојување детето веднаш по раѓањето, наместо шест недели, отсега ќе имаат можност да се премислуваат три месеци. Освен тоа, следењето на можните посвоители за процена на нивната подобност и мотивот за посвојување ќе продолжува и по нивниот упис во соодветниот регистар. Сегашното решение предвидува центрите за социјална работа континуирано, во период од четири месеци, да ги следат подносителите на барањето до уписот во регистарот на можни посвоители, пишува дневниот весник Дневник.

16.07.2014 - 10:33
Фото: 
фактор
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега