Уште 30 дена притвор за насилниците од петочните протести - им се заканува казна затвор од 5 години?

За уште 30 дена им е продолжен притворот на осумте лица кои минатиот петок дивееја на протестите против пресудата во „Монструм“, фрлајќи со камења кон полицијата и зградите на Основниот суд Скопје 1 и Основниод суд Скопје 2. Во петочните протести беа повредени и неколку полициски службеници.

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска е доставен обвинителен предлог од скопското Основно јавно обвинителство против осум лица со иницијали А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М., Р.Б. и Ф.З. кои се гонат за кривичното дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“.

- Обвинителството ги товари овие осум лица дека биле дел од поголемата група граѓани кои на 04.07.2014 година протестираа пред објектите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Основниот суд Скопје 2 – Скопје, при што со камења и други тврди предмети ги оштетиле фасадите на објектите и повредиле неколку полициски службеници. Надлежен судија по разгледување и ценење на обвинителниот предлог, донесе одлука на обвинетите, на кои претходно од страна на судија на претходна постапка им беше одредена мерка притвор во траење од осум дена, денеска на сите осум обвинети ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена. Воедно дополнително ќе биде утврден и термин за одржување на главата расправа за конкретниот предмет, за што јавноста ќе биде известена, соопштува денеска Основниот суд Скопје 1.

За „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“ во Кривичниот законик се предвидени казни до 5 години затвор, односно став 2. „ Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапи штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе биде казнет со затвор од три месеци до пет години.“

Ставот 1 предвидува „Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилство спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност ќе се казни со парична казна или со казна затвор до три години.“

Во однос на останатите кривични пријави, поврзани со протестите од минатата недела, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје досега не се добиени други обвинителни предлози, се додава во соопштението од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

11.07.2014 - 13:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа