Ако одите во Грција на одмор задолжително понесете свеќи

Грчките синдикати на Јавната корпорација за енергетика (ППЦ) соопштија дека ќе приредат 48-часовни штрајкови по повод плановите на Владата за продажба на дел од овој доминантен производител на електрична енергија во Грција.

Синдикалците сметаат дека електричната енергија претставува витално добро кое треба да остане под контрола на државата, пренесуваат грчките медиуми.
Грчката Влада предводена од конзервативците не се откажува од продажба, која е на барање на меѓународните кредитори, заканувајќи се дека ќе ги вратат штрајкувачите на работа макар и со издавање наредба за нивна работна мобилизација.

Премиерот Антонис Самарас истакнува дека нема да потклекне пред фанатичните популисти", кои сакаат да ја прекинат неговата програма за приватизација.
Програмата предвидува продажба на околу 30% од капацитетите на ППЦ на приватни инвеститори, како и продажба на 17% од државниот удел од 51% во оваа корпорација.

Во грчката Влада тврдат дека дополнителната приватизација на енергетскиот сектор, за која е потребно одобрение од Парламентот, ќе ја зголеми неговата конкурентност и ќе влијае на намалување на цените на електричната енергија.

Се очекува грчкиот Парламент, кој има 300 пратеници, по ова прашање да гласа следната недела. Коалицијата на премиерот Самарас има мало мнозинство во Парламентот од само два пратеници.

04.07.2014 - 23:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега