Милошоски и Аљити нови потпретседатели на Собранието

Пратениците Антонио Милошоски и Рафиз Аљити се двајцата нови потпретседатели на Собранието. Третото потпретседагтелско место ќе остане празно бидејќи опозицијата не учествива во работата на Парламентот. Милошоски и Аљити свечено се обратија пред Собранието. 

Според Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ, оставеното празно потпретседателско место за опозицијата покажува дека Собранието води сметка околу екипирањето на телата и за застапеноста на сите политички партии во нив заради ефективност и конструктивност при донесувањето на одлуките од исклучителна важност за развојот на нашата држава.

- Искрено верувам дека и ова место за брзо време ќе биде исполнето и дека конечно и кај опозициската СДСМ ќе завладее разумот, ќе излезат од таа нивна партиска затвореност во која се наоѓаат и како и останатите партии ќе застанат на страната на демократијата, користејќи ги демократските алатки токму тука во домот на демократијата придонесувајќи и застапувајќи ги интересите на оние граѓани кои на неодамнешните избори својот глас им го доверија токму на СДСМ сметајќи дека овде достоинствено ќе ги претставуваат, истакна Затуровска. 

Го искажа, како што рече, своето задоволство, за предложените кандидати кои долги години се на политичката сцена, со богато професионално и политичко искуство што ќе има исклучителен атрибут во креирањето на работите и надлежностите на Собранието.

Со назначувањето на Милошоски за потпретседател на Собранието, рече Сашо Василевски, со сигурност ќе бидат спроведувани сите парламентарни процедури.

Амди Бајрам искажа поддршка за кандидатурата на Милошоски, но исто така посочи дека има забелешка и во однос на изборот на третиот потпретседател на Собранието. Според него, бидејќи опозицијата не учествува во работата на Собранието, тој треба да биде избран од редовите на ДПА или тоа да биде Роза Топузовска Каревска.

Според пратеникот Џеват Адеми, со кандидатурата на Рафиз Аљити на најтранспарентен начин ДУИ ги искажува очекувањата за неговата улога и придонес во градење на демократските капацитети на Парламентот.

- И двете најголеми претставнички субјекти во овој Парламент ВМРО-ДПМНЕ  и ДУИ го докажуваат патот на политичката зрелост и градењето на капацитетите за зголемување на меѓусебна доверба, нешто што се докажува и денес, посочи Адеми.

02.07.2014 - 13:58
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега