ФИФА ги казни Алжирците поради спорниот ласер

Фудбалскиот сојуз на Алжир беше казнет со 56 илјади долари од страна на дисциплинската комисија на ФИФА поради тоа што алжирските навивачи со ласер му пречеа на голманот на Русија, Игор Акинфеев.

Алжирците израмнија на 1-1 благодарение на лошата реакција на голманот на Русија, Игор Акинфеев кој беше заслепен од ласерот од трибините. Алжир успеа да го сочува резултатот до крајот на мечот и да се пласира во осмина-финалето, додека пак Русите ги спакуваа куферите и заминаа дома.

„ФИФА по истрагата утврди дека алжирските навивачи со ласерски зраци им пречеа на руските фудбалери, посебно на голманот Игор Акинфеев. Во текот на натпреварот забележани се и неколку бакљи и петарди на делот каде што беа сместени алжирските навивачи“, објави ФИФА.

Светското првенство за репрезентацијата на Алжир заврши синоќа откако Германците ги совладаа со 2:1 во осмина финалниот дуел во Порто Алегре.

01.07.2014 - 10:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега