Ќе се утврдуваат предлози за потпретседатели на Собранието

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ги утврди предлозите на кандидати за потпретседатели на Собранието на Република Македонија.

На дневен ред на Комисијата се и утврдување предлог - одлуки за именување претседател, потпретседател, членови и заменици - членови на Националниот совет за евроинтеграции, за основање пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави.

Во Собранието на Република Македонија денеска седница ќе одржи и Комисијата за економски прашања која ќе го рагледува Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2013 година.

Седница ќе одржи и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за политички систем е граѓанската иницијатива со предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, на сто и шест граѓани, доставена преку овластениот предлагач, претседателот на Здружението на граѓани за праведно судење и применување на Законот, Атанас Ѓоргиевски, како и извештаите за работата на Агенцијата за администрација за 2013 година, на Советот на јавните обвинители на Република Македонија за 2013 година, на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 1 јануари до 31 декември 2013 година, на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2013 година, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2013 година, на Судскиот совет на Република Македонија за 2013 година, на Народниот правобранител и на Државната комисија за спречување на корупцијата во 2013 година.

Законодавно-правната комисија ќе ги разгледува Граѓанска иницијатива со предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите и барањето за давање на автентично толкување на член 45 од Законот за локална самоуправа и член 29-а од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, поднесено од Градоначалникот на Општина Босилово. Ќе се утврди и пречистените текстови на Законот за мирно решавање на работните спорови и на Законот за минимална плата во Република Македонија. 

01.07.2014 - 09:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега