Нобеловецот Ферид Мурад во посета на родниот крај

 

Добитникот на нобеловата награда за медицина Ферид Мурад, кој има потекло од гостиварското село Лакавица, денес со потесното семејство престојуваше во Гостивар. Нему му беше приреден и прием од страна на гостиварскиот градоначалник.

Нобеловецот Мурад Гостивар го посетува по трети пат откако пред две децении првпат дојде во родниот крај на неговиот татко и се запозна со поблиските роднини. Вториот пат дојде кога во негова чест гостиварската болница беше именувана според него.

- Првпат дојдов тука со сопругата пред речиси две децении. Овој пат сме со семејството, две од моите деца и внуката Оливија на која и ветив дека  ќе доведам во родниот крај на мојот татко кога ќе стане полнолетна, рече Мурад.

Неговиот домаќин градоначалникот Арбен Таравари изрази задоволство што за гостин го има овој истакнат научник и најави дека наскоро ќе биде покрената иницијатива за именување на улица во Гостивар во негова чест.

Ферид Мурад претходно беше прогласен за почесен професор на универзитетот „Мајка Тереза“ и доктор на науки. Такво признание му беше доделено и на Тетовскиот универзитет. Во скопската општина Чаир од вчера една улица го носи неговото име.

Доктор Ферид Мурад е роден 1936 година во американската држава Индијана како дете на ислеленикот од гостиварска Лакавица, Џабир Мурад Ејупи и мајка Хенриета Џозефина Боумен, Американка. Медицински факултет завршил во Кливленд, Охајо каде и станал доктор на науки во 1965 година. Долги години работел како универзитетски професор, а во 1998 година заедно со уште двајца научници Роберт Фечгот и Луис Игнаро ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина за „откривањето на улогата на азотен оксид како сигнален молекул во регулирањето на кардиоваскуларниот систем“. 

 

 

 

23.06.2018 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега