„Нѐ нападнаа со безбол палки и трчаа кон нас со ножеви“ - истепани тројца косовски државјани во Градски парк

„Во Скопје бевме за да шетаме, во градскиот парк. Не знаевме дека има натпревар. Се фотографиравме и во еден момент кога не слушнаа како зборуваме албански се формираа неколку групи и нѐ нападнаа со безбол палки и трчнаа кон нас со ножеви. Итната медицинска помош дојде во полициската станица, по 1.30 час.“, рече Егзон Кукај за ТВ21, еден од тројцата косовски граѓани кои во недела беа нападнати од навивачите на Вардар, Комити, во центарот на Скопје. 

Овој настан, амбасадорот на Косово во Скопје, Ѓерѓ Дедај, го нарекува изолиран инцидент. Тој за ТВ21 рече дека и двете страни треба да бидат мирни и изјави дека ваквите инциденти кои имаат за цел нарушување на меѓуетничките односи не треба да се повторат.

„Мислам дека овој инцидент е изолиран и не треба да се повтори. Сите странки треба да бидат внимателни, и македонската и албанската и косовската страна, со цел да не се повторат инцидентите со меѓуетнички мотиви. Бараме овој да биде последниот инцидент, бидејќи ниту една екстремистичка група, никому не смее да му се дозволи и толерира да ги загрозат нашите односи и да врши неприфатливи акти со ниски мотиви кои им штетат на меѓуетничките односи на нашите земји“, рече Дедај.

Амбасадорот рече дека веднаш штом дознал за инцидентот, контактирал со МВР за да дознае што се случило. Дедај ги повика властите да преземаат мерки за лицата кои вршат насилство.

„Ги повикувам властите на РСМ да преземаат мерки против тие кои вршат насилство и тие кои ги нарушуваат овие односи“, изјави Дедај.

Според  МВР за овој настан се приведени две лица од Скопје, и по документирањето на настанот, против нив се покренати кривични пријави според член 386 на Кривичниот законик. Со  овој член се предвидува казна затвор од 3 месеци до 3 години за лице кое ќе малтретира, навредува или ја загрозува безбедноста на друго лице.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.12.2019 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега