Низа реакции на изјавата на премиерот Заев за хотелот во изградба во Лагадин

Жителите, членови на Здружението за заштита и зачувување на интегритетот „Стар Лагадин“, реагираат на изјавата што премиерот Зоран Заев ја даде пред јавноста на трибина со граѓаните  одржана минатата недела во Охрид.

-Со вчудоневиденост и индигнација ја проследивме јавната вербална комуникација на премиерот Заев со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин на организираниот настан во Охрид „Силна економија – шанса за сите“ со која сметаме дека тој отворено се стави во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал кој ние граѓаните на оваа земја го именуваме како градежна или урбанистичка мафија. Видовме и слушнавме како премиерот му ветува на „чичко Никола“, со кого си разменувале приватни СМС-пораки, дека тој лично ќе се погрижел градбата на неговиот криминален хотел непречено да продолжи, стои во реакцијата на жителите на Лагадин.

Тие потворно укажуваат на неправилностите кои доведоа само да се овозможи градба на објектот чија легалност ја оспоруваат, туку и натамошна урбанистичка деструкција на населбата Лагадин. Појаснуваат дека кон крајот на 2015 година „криминални структури на тогашната власт на локално и државно ниво“ незаконски го суспендирале постојниот урбанистички план за населбата Лагадин и преку донесување на т.н. Општ акт и со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби овозможен е почеток на градењето на хотелот.

-Нашето Здружение во април 2017 година покрена инцијатива во Уставниот суд за поведување постапка за оценување на законитоста на Општиот акт за село Лагадин и негово поништување. Иницијативата ја поткрепивме со експертиза на врвен експерт и судски вештак од областа на урбанизмот, како и правно мислење на реномирана адвокатска канцеларија. Произнесувањето на Уставниот суд очекуваме да се случи набргу, во текот на овој или наредниот месец. Напоменуваме дека поништувањето на Општиот акт ќе подразбира и отстранување на градбата на тој хотел, стои во реакцијата.

Истовремено граѓаните од Здружението укажуваат дека не можат да поверуваат дека премиерот не бил запознат со околностите оттаму што за сите нивни активности по случајот го запознале министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кој беше, исто така, присутен на настанот во Охрид.

-Убедени сме дека правото и правдата се на наша страна и дека нашите сегашни и идни заложби се придонес во справувањето со корупцијата и сето она кое го перцепираме како градежна мафија, која со уништување на крајбрежјето со хиперурбанизација сериозно го загрозува статусот на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО, стои во реакцијата од „Стар Лагадин“.

Бурни реакции кај јавноста предизвика изјавата на премиерот Заев на трибината кога одговарајќи на прашање на сопственикот на оспоруваниот хотел во изградба, рече дека правото е на страна на сопственикот.

Уште тогаш реагираа и активисти на Граѓанска иницијатива „Охрид ЅОЅ“ кои укажаа на цела низа прекршувања на легислативата констатирани од Здружението инспекциски надзор.

Не е во надлежност на премиер „да фаќа врски“ за да озаконува криминални градби во регион под УНЕСКО. Премиер кој е на ниво на задачата ќе побара да го види решението од мешаниот инспециски надзор и ќе ги извршува доследно своите надлежности според Деловникот за работа на Владата. Како на пример, во согласност со чл. 4, став 6 од Деловникот за работа на Владата ќе побара одговорност за лицата кои воопшто овозможиле ова криминално одобрение за градба да стане правосилно и лицата од Второстепената комисија што упорно ја уважуваат жалбата за нелегалната градба.

Потоа, во согласност со став 10 од истиот член ќе ја насочи реформата во охридската администрација кон декриминализација и долго очекувана професионализација во обезбедувањето на јавните услуги за граѓаните, порачаа активистите на „Охрид ЅОЅ“.

Уште истиот ден се огласија и од партијата ДОМ со укажување дека односната градба е „чир“ во подрачје заштитено од УНЕСКО, со појаснување дека хотелот се наоѓа во заштитените 50 метри до брегот на езерото каде не е дозволена цврста градба, а неговата изградба прави непристоен преседан во исполнувањето на препораките на УНЕСКО што се однесуваат на времен Мораториум на градба во Охридскиот регион, заради заштита на природното и културното наследство на регионот.

-Исполнување на сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот регион, се до донесување на потребните планови, е и еден од заклучоците на одржаната собраниска Надзорна расправа  во врска со управувањето со Охридскиот регион, посочија од ДОМ. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.02.2019 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега