Ниту БСП не успеа да ја состави новата влада на Бугарија

Ниедна од партите во Бугарија коишто се обидуваа да состават влада по неодамнените повторени парламентарни избвори не успеа во напорите, а последната која се обиде во тоа Бугарската социјалистичка партија (БСП) во вторникот го врати мандатот.

По изборите од 11-ти јули, ниту социјалистите, коишто се третата најсилна бугарска партија по тие избори, не успеаја да обезбедат мнозинство и својот мандат му го вратија на претседателот Румен Радев.

„За жал, не очекуваат нови избори и преговори“, коментираше Радев откако на лидерката на социјалистите Корнелија Нинова и пожела успех на следните избори.

По третиот неуспешен обид за создавање на владата, шефот на државата Радев мора да го распушти парламeнтот, да одреди нов датум за одржување парламентарни избори и да именува нова привремена влада. Не е точно одреден рокот до кога овој процес треба да биде завршен.

Следните избори во Бугарија ќе бидат третите парламентарни по ред во оваа 2021 година. Иако точниот датум на одржувањето на новите избори сѐ уште не се знае, можно е тие да бидат одржани во ноември, кога се одржуваат и претседателските избори.

07.09.2021 - 22:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа