Николов: Идејата на Заев за раскинување на потпишан договор за Клинички центар, ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија

 

Николов потенцира дека според меѓународната практика сепак пеналите кои што треба да се платат за раскинување на ваков договор може да достигнат и до 10% од сумата на договорот или околу 12 милиони евра народни пари.

Расипничкото и девијантно однесување на Владата на СДСМ не запира. Вчера разбравме дека нема никаков готов проект за нов Клинички центар и дека не им е јасно каде ќе биде лоциран, односно како што велат таму некаде меѓу Злокуќани и Бардовци. Покрај тоа, министерството за здравство преговара со кредитори за обезбедување на финансиски средства,  истакна денес Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Се поставува прашањето кои се тие кредитори и каква е сериозноста на овие преговори? Дали само се зборува за ново задолжување кое повторно ќе го платат граѓаните? И која е логиката да се преговара за нешто, за што нема никаков план? Колку за споредба, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има подготвено проект од консултанти и експерти од Шпанија, Германија и Франција, а потпиша и договор за изградба на нов Клинички центар со целосна поддршка и финансирање од Банката при Советот на Европа. Истиот тој договор СДСМ сака да го раскине и е спремен да плати милиони евра, нормално не од своите туку од џебот на народот. Идејата на Зоран Заев за раскинување на потпишан договор за Клинички центар, ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија, и тоа во висина од најмалку 7,5 милиони евра колку што претпоставува СДСМ, рече тој.

Николов потенцира дека според меѓународната практика сепак пеналите кои што треба да се платат за раскинување на ваков договор може да достигнат и до 10% од сумата на договорот или околу 12 милиони евра народни пари.

-За споредба, со оваа сума можат да се изградат скоро две нови Педијатриски болници – Козле. Можат да се опремат две државни Клиники за кардиохирургија, да се опремат четири Клиники за радиологија со апарати за магнетна резонанца, компјутеризирана томографија и дијагностичка работни станици. Сето тоа СДСМ сака да го фрли во вода. Дополнително, Заев и Филипче тврдат дека оваа одлука ја базираат врз основа на консултации со граѓани, лекарската фела и стручните асоцијации. Дали тоа значи дека се консултирани и археолозите кои велат дека станува збор за археолошко неистражено земјиште на кое нема да може да се гради. Заради сето горе наведено, апелираме Заев и Филипче да се откажат од сомнителните договори, да се откажат од прекинување на договорот за градба на Клиничкиот центар и да не дозволат граѓаните да се лекуваат до 2030 година во несоодветни услови и застарени згради, заклучи тој.

 

 

 

 

12.03.2018 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа