Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари серија работни средби во Стејт Департмент на САД, на кои се разговараше за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, со посебен акцент на политичките, економските и трговските врски.

На средбата со Даниел Лоутон, беше потенцирано значењето на партнерството засновано на меѓусебна поддршка, демократски вредности и заедничка посветеност кон создавање подобри економски перспективи.

„Денеска остварив неколку средби на високо ниво, на кои разговаравме за односите помеѓу нашите две држави. САД се стратешки партнер број еден на Македонија, држава која најмногу ја поддржува нашата земја. Разговаравме за заедничката економска и политичка соработка, како и за продлабочување на соработката во НАТО во овие предизвикувачки времиња“, изјави вицепремиерот Николоски.

Особено внимание, додаде тој, беше посветено на економската соработка во делот на енергетската транзиција и инфраструктурните коридори: „Разговаравме за Паневропските коридори 8 и 10, кои поминуваат низ Македонија и се витално важни за економијата и безбедноста на државата. Очекуваме повторно да се активира Стратешкиот дијалог со САД, каде ќе дискутираме за заедничките предизвици и можности за трговска соработка, со цел да се обезбеди просперитет, напредок и безбедност за нашата земја.“

Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски ја продолжува со обраќање на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“, кој се фокусира на иновации и развој во транспортниот сектор.

Фото: Министерство за транспорт

Exit mobile version