Николоски: ВМРО-ДПМНЕ е за хрватски модел, а ДУИ по 20 години уживање на плодовите на власта време е да сфати дека сега Македонците ќе добиваат

„Долго време во јавноста се зборува дека е потребно европско решение на проблемот кој што Македонија во однос на европските интеграции. И долго време двете владејачки партии СДСМ и ДУИ зборуваа дека Хрватска може да е пример кој што може да се следи. И ние за тоа велиме доколку Хрватска е модел кој што може да се следи дајте да ја копираме Преамбулата од хрватскиот Устав и јасно да напишеме дека Македонија е национална држава на македонскиот народ во која што исто така живеат и националните малцинства и да се набројат сите национални малцинства кои што се појавуваат во пописот“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24.

Николоски додаде дека во Хрватска такви се 22 национални малцинства.

„Мислам дека после 30 години порази на македонскиот народ од промена на знамето, преку два пати промена на име, и неколку пати промена на Устав до финалната промена на името, време е и другите политички субјекти во Македонија да дадат пред се мислам тука на политичката партија ДУИ која што 20 години ги ужива плодовите на власта и нешто конечно да добијат Македонците, а тоа е дека ова е национална држава на македонскиот народ. Тоа е нашиот предлог, тие претходно го зборуваа и така што не гледам пречка зошто не би се прифатил. И мислам дека конечно ДУИ нема да е кочничар на евроинтеграциите на Македонија, на почетокот на преговори на Македонија со ЕУ. Уште помалце мислам дека ДУИ би биле за тоа да Македонија и Албанија да се одвојат затоа што ако Македонија не почне преговори тогаш ќе се раздвои од Албанија“, појасни Николоски.

„Ние сме за Преамбула во која што Македонија ќе биде дефинирана како национална држава на македонскиот народ и националните малцинства кои што живеат во неа. А, за овој предлог кој што во моментов го туркаат СДСМ и ДУИ ние не сме, и сме го кажале тоа и нема да подржиме промена на Устав“, рече тој. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски посочи дека имаше неколку прес конференции на Димитар Ковачевски во изминативе скоро година дена каде што тој предлага хрватски модел. Исто така и Бујар Османи кој што е претставник на ДУИ предлагаше хрватски модел. И сега кога ВМРО-ДПМНЕ вели да се усвои хрватскиот модел, тогаш власта го одбива. Пред неколку дена претседателот Стево Пендаровски исто така го одби хрватскиот модел. И така на тој начин тие ја покажуваат дволичноста и покажуваат каков однос имаат.

„ТВ дуел мислам дека е здрав за секоја демократија помеѓу претседателот на Владата и лидер на опозицијата. За жал во Македонија не се случуваат често, ретко ги гледаме. А, добро е да се случат, за да разменат аргументите, да види јавноста кој каде е и што е, и после тоа да може да носи одлука кога ќе гласа на избори. А, во однос на работните групи ако нешто не сакате да завршите тогаш влезете во вакви изведувања на процедури. За процесот на уставни измени не постојат работни групи. Процесот на уставни измени е многу јасен, се иницира уставна измена во Собранието за која што е потребна двотретинско мнозинство, после тоа Комисијата за уставни прашања на Собранието, значи институционална форма, подготвува Нацрт – текст кој што како предлог се усвојува во Собранието со 61 пратеник. И потоа повторно се враќа во Комисијата и Комисијата го потврдува и се усвојува во Собранието со двотретинско мнозинство. Тоа е уставниот начин за промена на Уставот. Никаде нема работни групи“, нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски.

Тој рече ако власта мисли дека има поддршка во Собранието нека го усвојат предлогот за почеток на уставни измени. Но власта во Собранието нема двотретинско мнозинство  и се обидуваат со работни групи да играат во јавноста.

 

07.04.2023 - 21:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега