„Ветивме дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа се случи после 20 години, а прашање на време e пензионирањето на Али Ахмети. Ако Билал Касами сака да биде алтернатива на нив, тогаш треба да биде целосно различен од нив – порача во денешното гостување на Радио “Лидер”, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

-Ние ветивме минатата година дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа се случи после дваесет години. Во текот на кампањата и до формирање на Влада, најголем број од луѓето не ни веруваа дека ова ќе го реализираме. Така што ние го направивме она што сите го ветуваа, а не го направија. Второто што го ветивме е дека Али Ахмети ние политички ќе го пензионираме и еве го, само прашање на време кога и како тоа ќе се случи, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ испрати и порака до лидерот на БЕСА, за кого потенцираше дека политиката на етнички поделби се удри во ѕид и заврши неславно и дека соработката во Владата може да продолжи само врз основа на принципи и вредности.

-Mислам дека основното што политичарите треба да го разберат, е дека не можат да се алтернатива ако се исти. Така што, ако Билал Касами сака во Тетово да биде алтернатива на Теута Арифи и на претходни кои што биле таму градоначалници од ДУИ, тој не може да е исти како нив, тоа е прво. Второ, не треба да се срами и да му е непријатно тоа што Македонците во Тетово гласаа за него во првиот круг. Тој сега треба да им испорача на тие луѓе, затоа што тоа се негови поддржувачи. Политиката на етнички поделби се удри во ѕид и заврши неславно, но доколку таа политика продолжи во нов формат, тогаш која е разликата? Ние ќе продолжиме да соработуваме во Влада, но само врз основа на принципи и на вредности. Не можите вие да држите митинзи и да зборувате дека треба во Тетово да победи Билал за да не се врати ДУИ, а во исто време да речите во Кичево гласајте за ДУИ. Тоа е непринципиелна политика, порача Николоски.

Exit mobile version