Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес беше присутен на ГП Блаце, по најавата на транспортните превозници за блокада.
Николоски искажа поддршка за протестот на превозниците.
-Причината зошто сум денеска тука на овој граничен премин е за да искажам поддршка во мое име и во име на Владата. Овој протест е предупредувачки протест. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10-ти април натака. Ова е едно предупредување, сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите-членки на Шенген зоната да изнајдат решенија, рече тој.
Вицепремиерот посочи дека во принцип постојат три возможни решенија за решавање на овој проблем.
-Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за превозниците, второто решение е да се зголеми бројот на денови кои што можат да ги поминуваат во Шенген зоната превозниците, најмалце на 250 денови, соодветно поделено во циклуси, од сегашните 180. Третото решение е да не се третираат како туристипрофесионалните возачи и превозници, туку да се третираат онака како што треба, како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила или соодветно со работни визи како што во моментов прави само Швајцарија тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат, рече Николоски.
Тој оцени дека се спротивно од ова ќе има големи последици и за македонската, регионалната, но и за европската економија.
-Да не заборавиме дека најголем дел од странските инвестиции, не само во Македонија туку и во цел регион, се од земји-членки на Шенген зоната и ЕУ. Тие најчесто овде произведуваат полу-производи кои после тоа ги извезуваат во сопствените земји за да произведат финален производ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и исто така оди на север. Да не зборувам за главниот трговски коридор на цела југо-источна Европа, а тоа е Коридорот 10 кој значи економски крвоток на целиот овој регион, рече Николоски.

