Бројот на патници на македонските аеродроми во Скопје и Охрид бележи постојан и сериозен раст, а очекувањата за годинава се дека ќе биде надминат нов рекорд во авиосообраќајот.

Ова на денешната седница за пратенички прашања го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на прашање од пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако пред неколку години беше успех два милиони патници да стигнат на аеродромите во Скопје и Охрид, минатата година бројот надмина три милиони на двата аеродрома. Очекувам оваа година бројот да биде над 3,5 милиони патници“, изјави Николоски.

Министерот посочи дека скопскиот аеродром во моментов е лидер во својата категорија на ниво на цела Европа, а напредок има и кај охридскиот аеродром.

Ваквиот тренд директно се рефлектира врз домашната економија, со оглед на тоа што новите авиолинии и чартер-летови донесоа раст на туризмот од 20 отсто. Но, како сериозен предизвик Николоски ги лоцираше сместувачките капацитети во земјава.

Во однос на инфраструктурата, тој појасни дека скопскиот аеродром веќе е поврзан од двете страни со автопат или експресен пат, а се подготвува и нов голем проект за поврзување со главниот град.

„Работиме на урбанистичко и идејно решение за железничко поврзување на аеродрмот, што ќе завршува пред терминалната зграда и ќе има олеснета комуникација со центарот на Скопје“, додаде Николоски.

Паралелно, се работи и на модернизација на охридскиот аеродром кој во моментов има 13 редовни дестинации и 8 чартери. Новата терминална зграда во Охрид треба да биде пуштена во функција во следните два до три месеци, по завршување на безбедносните процедури.

Exit mobile version