Околу 40 лица беа евакуирани во Монпелје, каде што поплавите предизвикаа затворање на многу патишта, додека пет департмани во јужна Франција, вклучувајќи го и Еро, денес се под портокалова временска тревога поради дожд и поплави.

„Во тек се безбедносни интервенции“, објави префектурата Еро, според телевизијата BFM.

Префектурата, исто така, изјави дека градовите Монпелје, Сен Жак де Ве и Вилнев ле Маглон се најпогодени од бурата. Градот Монпелје, исто така, објави дека парковите, гробиштата, зоолошката градина и божиќниот пазар се затворени.

Сообраќајот во градот беше нарушен, а неколку улици беа затворени. За еден час, Монпелје доби околу 40 милиметри дожд, а во последните шест часа до 75 милиметри.

Во наредните часови, во долината Монпелје се очекуваат до 120 милиметри дожд во рок од 24 часа.

Во неделата, општината Ларок беше особено погодена, каде што реката се излеа од своите корита и достигна ниво од осум метри.

Реката Еро е исто така под портокалово временско предупредување за зголемување на нивото на водата, потсетува префектурата, предупредувајќи на претпазливост во секторот Агде, каде што постои висок ризик од излевање.

Населението се повикува да биде максимално претпазливо, а особено се препорачува да се држи подалеку од водните патишта, бреговите и мостовите, и да избегнува поплавени патишта, како и да не се спушта во подруми и подземни паркинзи и генерално да избегнува движење.

Exit mobile version