Тензиите и дипломатските игри околу иранската нуклеарна програма и преговорите со САД продолжуваат да ја брануваат меѓународната јавност. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху испрати остра порака, додека од Техеран пристигнаа појаснувања за тоа што навистина содржи меморандумот со Вашингтон.
Нетанјаху со поддршка за Трамп: „Го посветив животот на оваа борба“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека е целосно согласен со американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Преку соопштение од неговиот кабинет, тој јасно ги зацрта црвените линии на Израел:
„Додека сум премиер на Израел, Иран нема да има нуклеарно оружје“, изјави Нетанјаху.
Тој наведе дека повеќе од три децении води меѓународна борба против иранската нуклеарна програма.
„Без оваа борба, Иран одамна ќе имаше нуклеарни бомби за да го уништи Израел“, тврди Нетанјаху, додавајќи дека Иран работи на уништување на еврејската држава и дека својот живот го посветил на спречување на такво сценарио.
Иран демантира: Нема договор за Ормуската Теснина и нуклеарната програма
Од друга страна, иранската државна новинска агенција ИРНА денеска објави официјални појаснувања во врска со наводните отстапки во преговорите со САД. Според агенцијата, Техеран не презема никакви обврски поврзани со пренесување на управувањето со клучната Ормуска Теснина во рамки на меморандумот за разбирање со САД.
Исто така, ИРНА потенцираше дека во актуелниот меморандум сè уште не е постигнат договор за иранската нуклеарна програма. Според агенцијата, вистинските преговори за нуклеарното прашање дури допрва следуваат и треба да се одржат во рок од 60 дена од потпишувањето на меморандумот.


