Претседател на избирачка комисија во бугарското село Изгрев, во општина Царево, во близина на Бургас, е разрешен од должност откако било пријавено дека на избирачкото место се појавил под дејство на алкохол, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Инцидентот се случил за време на изборниот процес, а случајот бил пријавен телефонски до Регионалната изборна комисија во Бургас. Според пријавата, претседателот на комисијата покажувал знаци на алкохолизираност уште при превозот на членовите до избирачкото место, а при контролата било констатирано и дека внел алкохол во просториите каде што се одвивало гласањето.
Иако тој одговарал на прашањата на надлежните, неговиот говор бил нејасен и отежнат, што дополнително ги потврдило сомнежите. Поради ова, Регионалната изборна комисија во Бургас донела одлука за негово итно разрешување и поништување на уверението, а на негово место бил назначен нов претседател, додека истовремено била извршена и промена на функцијата заменик-претседател.


