Нема веќе хоспитализација на пациенти на Инфективно во велешката болница - нема персонал, а има проблеми и со греењето

Нема веќе хоспитализација на пациенти на Инфективно одделение во Општа болница Велес. Еден инфектолог заминал во пензија, има проблеми со греењето, а бил намален обемот на работа. Вака од болницата се правдаат и објаснуваат зошто нема веќе хоспитализација на пациенти во овој оддел. Истиот во наредниот период ќе работи како дневна болница, амбулантски во две смени.

„Инфективното одделение ќе функционира со амбулантска работа, во прва и втора смена, ќе работи и преку викендите. За пациенти се грижат двајца инфектолози а во зависност од возраста, ако има потреба од болничко лекување ќе бидат згрижени на Интерно одделение или Педијатрија. Причина за ваквата времена одлука е намлениот обем на работа, заминувањето во пензија на еден од инфектолозите и проблемите со греењето“, изјавиле од ЈЗУ Општа Болница Велес за tirekovmirece.com.

Претходниот период имаше реакции за лошото греење во овој објект, кој е одвоен од зградата на болницата. Температурите во просториите и болничките соби  се ниски за работа и за персоналот и за престој на  пациентите. Поради тоа едниот кат од зградата беше забранет за користење.

Меѓутоа проблемите во овој оддел не се единствени, болницата трага и по медицински сестри. 

За подобра организација во работењето на болницата, како и настанатиот проблем со недостаток на среден персонал, медицински сестри, се прави прераспределба од Инфективното  кон други одделенија, каде тие  недостасуваат.  Инфективното одделение имаше капацитет од 56 кревети. Во него освен од Велес се хоспитализираа пациенти од Свети Николе, Кавадарци и Неготино.  

03.02.2023 - 18:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега