Не престанува крвопролевањето во Мексико - сестрата на лидерот на крател убиена на свадба

Смртоносниот двегодишен судир меѓу два мексикански картели кулминирал овој викенд кога вооружена банда упаднала во црква и ја убила сестрата на лидерот на ривалскиот картел на нејзината свадба и го киднапирала младоженецот, кој е високо рангиран гангстер.

Карем Лизбет Јепес Ортис во саботата наутро стоела пред олтарот на црквата Нашата Дама од Сан Хуан покрај младоженецот, познат во мексиканското криминално подземје како Ел Каламардо, кога одненадеж почнало пукањето. 

Карем била сестра на Хосе Антонио Ел Мара Јепес Ортес, лидер на картелот Санта Роса де Лима и била задолжена за финансирањето.

Висок службеник на полиција потврдил дека невестата е убиена, а некои локални медиуми пренесуваат дека Ел Маро бил во црквата и дека побегнал неповреден.

Сведоците рекле дека напаѓачите имале панцири со иницијалите на Картелот нова генерација Халиско и дека некои гости легнале на под за да се заштитат, додека други се обиделе да побегнат од црквата. Наведено е дека сите кои ги погледнале напаѓачите во очи биле убиени.

Членовите на картелот по нападот побегнале од црквата во најмалку три возила, додека сватовите пукале во нив. Случаен минувач на мотор, на возраст од 18 години, бил фатен во размената на огнот пред црквата и загинал на патот, додека неговиот сопатник бил ранет. Полицијата рекла дека во тек е истрага на инцидентот.

Карем била убиена ден откако Марија Гвадалупе Лопез Есквиве, високо рангирана припадничка на Картелот нова генерација Халиско, позната како Ел Катрина, загинала во судир со полицијата во Ла Боканда, во централната држава Мичоакан.

Овој картел е во судир со кланот Санта Роса де Лима, откако во декември 2017-та година Немесио Ел Менчо Осегуера Сервантес му објавил војна на Ел Маро. Мексиканските власти го ловат Ел Менчо од 2015-та година, а го бараат и САД, кои понудиле 10 милиони долари за неговото фаќање.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.01.2020 - 11:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега