Не чека поскапување: Само за минатиот месец секое семејство ќе треба да плати по 2.000 денари плус за струја

Македонија во просек секој ден влече околу 4500 мегават часови електрична енергија од Европската мрежа за струја, велат извори за Сител. Ова Мепсо го чини најмалку еден милион евра дневно. Според анализите сметката која ќе треба преносниот систем да ја плати за октомври ќе надмине 15 милиони евра.

Што значат 15 милиони евра за Македонија?

Ако за еден месец сме потрошиле 15 милиони евра за овие вонредни набавки на струја, кога сумата ќе ја поделиме на 2 милиони граѓани ќе добиеме податок дека секој граѓанин за оваа авантура на нашата држава ќе треба само за минатиот месец да плати 7,5 евра. Ако едно семејство брои 4 члена во просек, пресметките велат дека сумата ќе достигне до 30 евра или над 1.800 денари.
Сметките за струја треба да се коригираат во јануари идната година. Имајќи предвид дека немаме домашно производство и плаќаме неколку кратно поскапа струја од увоз, извесно е дека ќе имаме значително зголемување на цената на струјата која што ќе ја плаќаме во сметките од февруари. Некои оптимистички прогнози се дека тоа ќе биде околу 15%, а се очекува Владата делумно да го ублажи со тоа што ќе се откаже и од оние 5% ДДВ кои сега ги плаќаме за струја. Песимистите пак очекуваат поскапувањето да биде и над 25% што ќе биде многу голем удар врз македонските семејства. Тоа значи дека ако сега плаќате 2.000 денари месечно за струја, со поскапување од 15% би плаќале 2.300 денари, а со поскапување од 25% сума од 2.500 денари.

Европа не опоменува секој ден

Поради големите количини кои се влечат од меѓународната мрежа, пред се заради недоволното домашно производство на ЕСМ и слабите акумулации, земјава доби нова, четврта по ред опомена од Европа. За оваа известени се сите надлежни институции. Поради ваквата состојба познавачите велат дека земјава може да се соочи со санкции.

Според експертите состојбата е алармантна, во системот недостасува струја, поради што се користи меѓународната мрежа.  

- Оваа енергија се зема од европскиот систем и на крајот од месецот доаѓаат фактурите кои треба да се платат и треба да се знае колку тоа чини. Јавноста треба да знае колку струја недостасува и каква е состојбата со акумулациите и што ќе се прави во ноември и престојната зима, вели за Сител Сања Божиновска консултант по енергетика.

Состојбата стана уште поалармантна откако пред неколку дена пропадна тендерот со кој државата требаше да ги обезбеди потребните количини на јаглен за РЕК Битола. Увозот се прави главно да се обезбеди струја за стопанството. Затоа од бизнисот се надеваат дена навреме ќе пристигне јагленот во земјава.

Енергетичарите очекуваат стабилизација на енергетскиот сектор дури во втората половина следната година. Но дотогаш велат не чека тежок период.

 

25.10.2021 - 13:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега