НБРМ: Инфлација во нагорна линија за 3,1% - Будно ја следиме состојбата

Народната банка направи умерена нагорна корекција на проекцијата за инфлација на 3,1 процент од априлските 2,2 проценти, а за следната година очекува таа да изнесува 2,4 проценти. И покрај енергетската криза и глобалниот раст на цените, засега не се очекуваат шокови. Според меѓународните финансиски институции, следната година треба да се стабилизира енергетскиот сектор.

Од Народната банка велат дека будно ја следат ситуацијата и доколку е потребно ќе се интервенира со инструментите што им стојат на располагање за да се задржи макроекономската стабилност.

–  Будно ги следиме состојбите особено кај енергетскиот сектор и кај глобалниот раст на цените, но засега не се очекуваат шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната прес-конференција на која беа презентирани најновите макроекономски проекции.

Поради зголемување на животните трошоци, подолг период и Сојузот на синдикати на Македонија бара итно зголемување на платите, како и зголемување на минималната плата за најмалку 60 проценти од просечната плата.

Во земјава од вчера е прогласена и кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена.  Одлуката е донесена на владина седница на предлог на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија. Од Владата уверуваат дека нема да има никакви рестрикции за граѓаните и за компаниите.

-Единствена цел на прогласувањето кризна состојба е подобрување на ликвидноста на енергетските компании за да можат континуирано да ги снабдуваат домаќинствата и да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија. Нема да има никакви рестриктивни мерки за граѓаните и компаниите, рече министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната прес-конференција.

 

10.11.2021 - 09:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа