Борбени авиони на НАТО утрово соборија беспилотно летало кое влезе во воздушниот простор на Латвија, во источниот регион Балви.
Информацијата ја потврдија Латвиските национални вооружени сили (НБС).
Според првичните сознанија од НБС, кои ги пренесе порталот Делфи, дронот влегол во летонска територија како последица на руско електронско војување.
По детекцијата, веднаш беа активирани борбени авиони од мисијата на НАТО за патролирање на воздушниот простор на Балтикот, кои го соборија леталото.
Поради потенцијална опасност, летонските власти утринава издадоа предупредувања за регионите Балви, Резекне, Преиљи, Аугшдаугава и Алуксне, кои беа укинати околу 4:50 часот.
Воените власти информираат дека истрагата за инцидентот е во тек, а засега не се открива каде паднале остатоците и колку биле блиску до населени места.
Паралелно со овој инцидент, Финските одбранбени сили воведоа привремени ограничувања за воздушниот и морскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив како превентивна мерка, објави медиумот Yle.
Инцидентот се случи по бранот напади со украински беспилотни летала во областа на Санкт Петербург, каде што гувернерот Александар Дрозденко објави дека бил предизвикан пожар во нафтеното пристаниште Уст-Луга, додека руските сили пресретнале над 50 дронови.


