Насловна страна

 

Ако сопственикот на Facebook, Мајк Закерберг во интервјуто за Си-Ен-Ен ја спомнеше Македонија во некој позитивен контекст, насловот во голем број од нашите медиуми ќе беше отприлика вака: „Facebook ја призна Македонија под уставното име“.

Но, бидејќи нашата земја беше спомната во негативен контекст, медиумските наслови гласеа: „Откриени голем број лажни профили за креирање на лажни вести од Македонија“. Како и да е, во најочекуваното интервју за минатата недела беа спомнати 3 држави: САД, Русија и Македонија. Вака гледано, навистина сме ставени во друштво на моќни држави во светот. Фала за тоа Марк!

Но, крајно е време Facebook и ние да се погледнеме очи во очи и да расчистиме што е бизнис, а од каде почнуваат манипулациите и злоупотребите. Бидејќи едно е да заработувате пари на интернет, а сосема друго секој месец некој домашен или светски медиум да прави репортажа за нашата земја во контекст дека оттука е изворот на изборни нерегуларности и манипулации со волјата на гласачите во САД.

Не велам дека има вина во „дечките од Велес“, но фер е кон сите да се расчисти тоа еднаш за секогаш. Или имало, или немало нерегуларни активности од нашата земја. Вака се наоѓаме во своевидно лимбо, а перцепцијата кај секој втор граѓанин на Македонија е дека треба да почне да се бави со правење на лажни вести на интернет бидејќи тука „лежи“ заработувачката. И тој впечаток, за жал, само расте и се зголемува.

Моето мислење на оваа тема многу пати сум го кажал, а тоа е дека зад креирањето на лажни мести на интернет на прво место се крие желбата за брза и голема заработувачка. Но, дали има посериозна манипулација со изборната волја или некој друг глобален интерес, може да покажат само меѓународните истраги кои веќе се случуваат во САД.

Лично верувам дека во Македонија има многу потенцијал за бизнис поттикнат од младите луѓе. Всушност многу млади денес работат на Upwork и заработуваат на интернет на различни начини. Голем број од младите освен во западните земји, денес ја бараат својата среќа во онлајн соработката со компании од САД и другите развиени земји.

Нека ова биде следната насловна страна за Македонија во светските медиуми - колку сме заработиле правејќи дизајни или давајќи IT услуги на интернет, а не дека сме се обогатиле од креирање на лажни профили на Facebook.

Секако и ова од нас зависи!

 

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми

 

 

 

 

25.03.2018 - 20:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа