Насер Зибери: Затворениците спијат меѓу бубашваби и лебарки

 

Затворениците во скоро сите затвори во Македонија се жртви на нехуман и деградирачки третман. Ова е заклучокот на Народниот правобранител.

Во затворот Идризово, затвореници спијат меѓу бубашваби и лебарки, на под. Во истражниот затвор „Скопје“ има посериозен проблем а тоа е немањето на вода во сите простории, кој останува нерешен од 2013 година кога објектот е отворен. Затворската полиција не успева да превенира ниту тепачки. Народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејствија, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови.

„Веќе со години наназад состојбата во КП Идризово е повеќе од загрижувачка и под сите минимални стандарди. Во оваа установа се наоѓаат скоро половина од популацијата која издржува казна затвор, овој проблем уште повеќе добива во сериозност. При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни а се сместуваат повеќе од 9 лица. Поради несоодветните материјални услови не се врши сместување во 2, 5 и 8 крило. Условите не се подобри ниту во просториите кои се користат. Просториите каде се сместени лицата од отвореното одделение и т.н. амбулантско одделение, можат да се опишат како нехумани и деградирачки. Осудените лица сместени во овој оддел беа затекнати како спијат на под, на сунѓери, во ходници, во импровизирани кревети, ставени еден врз друг на три спрата. Хигиената e на ниско ниво, а просториите се полни со инсекти како лебарки, бубашваби, тафтабити и слично. Осудените лица се жалат дека немаат пристап ниту до топла вода. Лошите материјални услови, недостигот на активности директно влијаат врз тензичната атмосфера која ја има меѓу осудените лица“, рече народниот правобранител Насер Зибери.

Посебен проблем е несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците. Во три казнено-поправни установи Народниот правобранител добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање.

„Во затворот Скопје се користат простории кои се лоши, а кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека треба да бидат затворени и да не се користат. Притворениците се сместени во простории со мувла по ѕидовите, каде има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен. Затворениците складираат вода во пластични шишиња“, додава Зибери.

Само во затворот Тетово инфраструктурата е подобрена. Но и тука има проблем, а тоа е изведувањето на воспитно-образовниот процес. Народниот правобранител додава: „Дури 58 отсто од децата во поправниот дом се на психијатриска дијагноза, проблемот е дотолку поголем е што децата се прегледуваат од установи надвор од домот, во присуство на затворска полиција што го ограничува чувството на доверба на овие штитеници со психијатар“.

„Во останатите казнено поправни установи е увидено дека се преземени активности за подобрување на инфраструктурата. Но за жал, поради невнимателно користење на истите во затворот во Струмица и КП домот во Штип, просториите се руинирани. Како посебен проблем се појавува и прашањето на условите во кои се сместени лицата, здравствената заштита, процесот на ресоцијализација и воспитниот процес кај малолетните лица. Прекубројноста посебно е изразен во КП Идризово, Штип, Прилеп, затворот Скопје, Битола, Прилеп“, констатира Народниот правобранител.

24.06.2022 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега