Народна банка: Макроекономските показатели во согласност со очекувањата

Макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата и закрепнувањето на економијата речиси во целост е во согласност со проекцијата, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

На вчера одржаната седница оценето е дека монетарните движења се нешто подобри од проекцијата, остварувањата кај девизните резерви се умерено подобри од проекциите, а инфлациските движења  умерено повисоки од проекцијата. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата се уште се присутни и соодветно ќе се реагира доколку има потреба.

Каматната стапка останува на ниво од 1,25 проценти, а износот на благајнички записи којшто ќе се понуди останува на ниво од 10 милијарди денари.

– На седницата беше оценето дека во отсуство на притисоци од страната на побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата засега произлегуваат од фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се оценува потреба од монетарна реакција на овие ценовни движења, но ќе продолжиме внимателно да ги следиме, информира денеска Народна банка.  

Бруто домашниот производ во првата половина од годината бележи раст од 5,2 проценти, што речиси во целост е во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4 проценти.

– Високофреквентните податоци коишто се расположливи за третиот квартал од 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но поумерен, во споредба со високиот годишен раст забележан во вториот квартал. Имено, податоците за периодот јули ‒ август покажуваат високи годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и минимален пад кај индустриското производство. Во однос на извршените градежни работи, податоците за првиот месец од тримесечјето засега упатуваат на пониски остварувања, но треба да се има предвид и изразената променливост на движењата по месеци кај градежната активност, посочува Народна банка. 

Во однос на инфлацијата, во периодот јануари-септември во просек годишниот раст на цените изнесува 2,8 проценти. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата и заедно со нагорните ревизии кај увозните цени укажува на ризици за умерено повисока инфлација од проектираната од 2,2 проценти.

Девизните резерви се на соодветно ниво. Во третиот квартал остварен е откуп на девизи од страна на Народната банка согласно со поволните движења на девизниот пазар, отплатена е еврообврзницата издадена во 2014 година и распределени се 160 милиони евра од специјалните права на влечење од страна на ММФ. На збирна основа, растот на девизните резерви од почетокот на годината е нешто повисок од очекуваниот според априлските проекции.

Трговскиот дефицит во периодот јули ‒ август е повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината.

Вкупните депозити се на нивото на проектираниот годишен раст, а вкупните кредити над нивото проектирано за третиот квартал според априлската проекција.

– На девизниот пазар во септември имаше повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, при засилување на економската активност и раст на цените на енергенсите на глобално ниво, а во помал дел и заради исплатата на дивиденди. Банките во целост ја задоволија нето-побарувачката за девизи од сопствените девизни средства, но и од солидните приливи на ликвидност во странска валута од менувачниците и физичките лица, којашто беше околу нивоата во истиот период 2019 година. Во такви околности, Народната банка не интервенира на девизниот пазар, се наведува во соопштението од централната банка. 

13.10.2021 - 12:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега