Најостриот критичар на руската влада, Алексеј Навални уапсен на аеродром: „Не се плашам од затвор“ (ВИДЕО)

Алексеј Навални, најостриот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше приведен синоќа откако слета во Москва.

Навални беше приведен на пасошка контрола на аеродромот Шереметјево.

Ова е прв пат кога Навални доаѓа во Русија откако минатата година наводно беше скоро убиен од напад на нервен агенс. Навални за нападот ја обвинува владата предводена од Владимир Путин, што рускиот претседател го негира.

Опозиционерот пристигна со авион на „Викторија ерлајнс“ од Берлин. Интересно е што авионот слета на аеродромот Шереметјево наместо на аеродромот Внуково. Одлуката за промена на аеродромот е донесена во последен момент.

Пред тоа, авионот кружеше над Москва. Компанијата „Виктори ерлајнс“ за Ројтерс изјави дека Внуково е затворен за сите влезни летови.

Пред апсењето, Навални кратко разговараше со новинарите по влегувањето на аеродромскиот терминал. Тој ги критикуваше властите за пренасочување на авионот и „ставање луѓе во опасност“.

Им се извини на другите патници за проблемот и рече дека не се плаши од апсење.

Пред тоа, полицијата уапси неколку негови приврзаници кои се подготвуваа да го пречекаат на аеродромот Внуково.

Руските власти предупредија дека Навални може да се соочи со затвор откако во декември пропушти состанок со канцеларијата во затворот во Москва.

Затворската служба го обвинува за кршење на условите изречени по осудата за проневера, за што доби условна казна и обврска редовно да се јавува.

Одделно, рускиот истражен комитет поведе нов кривичен случај против него под обвинение за измама поврзано со трансфер на пари на разни невладини организации, вклучувајќи ја и неговата фондација за борба против корупција.

Навални тврди дека Путин прави сè што може за да го спречи да се врати со измислување нови случаи против него.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.01.2021 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега