Најмалку 67 лица го загубија животот во катастрофалниот пожар што го зафати трговскиот центар „Гул Плаза“ во пакистанскиот пристанишен град Карачи, соопштија денеска локалните власти, откако беа пронајдени нови тела под урнатините.
Судскиот лекар Сумаја Сиед изјави дека спасувачките екипи и натаму го пребаруваат објектот каде што пожарот избувна во саботата. Таа посочи дека идентификацијата на жртвите е исклучително отежната, бидејќи од поголем дел од телата останале само фрагменти.
Според досегашните наоди од истрагата, пожарот избувнал во момент кога повеќето сопственици ги затворале своите продавници. Пламените јазици брзо се прошириле поради присуството на лесно запаливи материјали, меѓу кои козметика, облека и пластични производи. Како најверојатна причина за трагедијата се наведува краток спој во електричната инсталација.
Инцидентот повторно го актуелизира прашањето за слабите безбедносни стандарди и нелегалното градење во Пакистан. Карачи и претходно беше погоден од слични трагедии, меѓу кои и пожарот во текстилна фабрика во 2012 година, кога животот го загубија 260 лица.

