Над 1.100.000 посетители го поминале граничниот премин Евзони за влез во Грција од јуни годинава досега, додека во истиот период земјата ја напуштиле 940.000 лица, покажуваат податоците што ги објави грчката државна телевизија ЕРТ.
Зголемениот број возила и неколкучасовните чекања за влез на овој премин се сè почеста тема во грчките медиуми, кои известуваат за километарски колони кон туристичките дестинации во северниот дел на земјата.
Само во текот на изминатиот викенд (7, 8 и 9 август) во Грција преку Евзони влегоа 62.000 лица, а ја напуштиле 55.000. Денеска до пладне, пак, беа регистрирани 16.500 влезови и 8.500 излези од земјата. Во текот на јули преку овој премин се регистрирани 632.000 влезови и 554.000 излези, додека во јуни влегоа 468.000, а излегоа 387.000 туристи.
Грчките медиуми и туристичките работници анализираат како доцнењата се одразуваат врз туризмот во Халкидики и областа Пиерија, кои се омилени дестинации за гостите од Балканот.
Претседателот на Здружението на хотелиери на Пиерија и потпретседател на Федерацијата на хотелиери на Грција, Ираклис Цитлакидис, за телевизијата „Скај“ истакна дека доцнењата влијаат негативно врз туристичкото искуство.
- Непријатно е кога посетителите се принудени да чекаат со часови на граница и првата слика што ја добиваат е негативна, факт што директно влијае како на туристичкото искуство така и на конкурентноста на регионот, објасни Цитлакидис.
Тој додаде дека предлагаат зајакнување на персоналот на граничните премини во периоди на зголемен сообраќај, отворање повеќе контролни точки и зголемена соработка со соседните гранични служби. За „Нафтемборики“, Цитлакидис посочи дека за август исполнетоста во Пиерија е околу 80 отсто и очекуваат приходи на нивото од лани.
Од друга страна, претседателот на Здружението на хотелиери и на Туристичката организација на Халкидики, Григорис Тасиос, за „Нафтемборики“ оцени дека оваа сезона ќе заврши со намалени приходи и пристигнувања споредено со минатата година.
- 2026 година е година на резервации во последен момент, а вистинските резултати ќе се видат на крајот од сезоната, посочува Тасиос.
За да се намалат застоите, на Евзони привремено се користи можноста од новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација (ЕЕС), според која во периоди на зголемен сообраќај регистрацијата се спроведува регуларно, но без земање отпечатоци и фотографирање.


