Над 120 слободни кревети во ковид центрите во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 20 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 274 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Од Министерството за здравство денеска соопштија дека во последното деноноќие, на интерните клиники имало 10 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември и на Инфективната клиника имало по пет нови приеми на пациенти во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 24 оздравени пациенти.

– Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 18 пациенти, на Клиниката за неврологија 22 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 22 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 20 пациенти. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 15 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 86 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 79 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 11 пациенти. Вкупно 274 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, се наведува во соопштението од МЗ.

Бројот на приеми во изминативе денови, се посочува, е стабилен и утрово до 8 часот имало 123 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.01.2021 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега