Собранието денеска треба да ја одржи 80. седница, на чиј дневен ред се наоѓа верификација на пратенички мандат, по именувањето на Беким Сали за прв вицепремиер и министер за европски прашања, како и повеќе законски решенија, меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во прво читање.

Како што е наведено во образложението, целта на предложените измени на Кривичниот законик е надминување на утврдените слабости во постојните одредби и постапување согласно Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година.

Пред пратениците денеска ќе се најдат и Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување, во прво читање, како и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување и Законот за системот за проценка на лица со попреченост.

На дневен ред е и Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа, согласно Рамковниот договор за заем за дополнително финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали, исто така во прво читање.

Собранието ќе расправа и ќе одлучува за предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, кои се предложени по скратена постапка.

Exit mobile version