Жежок костен држи во рацете францускиот премиер, Себастијан Лекорну, на самиот почеток од мандатот. Откако неговиот претходник, Франсоа Бајру, не успеа да добие поддршка за буџетот за штедење, сега и тој е пред истата задача. Растргнат е меѓу барањето да воведе данок на богатство за да го спаси буџетот и барањето да не чепка во парите на ултрабогатите за да не ја урниса француската економија.

За воведување на данокот, кој е предлог на францускиот економист Габриел Зукман, притиска Социјалистичката партија. Зукман, кој е професор по економија на Париската школа за економија, предложи данок од два процента, кој би им се наметнал на ултрабогатите со нето-вредност од над 100 милиони евра. Според него, од данокот на богатство од два процента би можеле да се соберат дури 20 милијарди евра, но други економисти го оспоруваат тоа, тврдејќи дека не би се обезбедиле повеќе од пет милијарди, зашто ултрабогатите ќе ја напуштат Франција. Овој данок доби поддршка од народот, кој протестираше минатата недела.

Од друга страна, најбогатиот Французин, Бернард Арно, се спротивстави на данокот на Зукман, тврдејќи дека со него ќе се уништи француската економија.

– Ова, очигледно, не е техничка или економска дебата, туку јасно искажана желба за уништување на француската економија – рече тој за британскиот весник „Сандеј тајмс“, нарекувајќи го Зукман „екстремно левичарски активист“, кој користи одредена „псевдоакадемска“ експертиза за да ја уништи либералната економија.

Според Арно, повикот за воведување данок од 2 % на целиот имот „има цел да ја уништи либералната економија, единствената што работи во корист на сите“. Тој вели дека данокот би го чинел повеќе од една милијарда евра, зашто е „сигурно најголемиот поединечен даночен обврзник во Франција“. Арно е извршен директор на глобалниот конгломерат на луксузни марки ЛВМХ и според индексот на милијардери на „Блумберг“ „тежи“ 169 милијарди долари, со што е седми на листата на најбогати во светот, за разлика од пред три години, кога беше прв, со богатство поголемо од она на Елон Маск. Интересен податок за него е дека предизвика национална даночна дебата во 2012 година, кога аплицираше за белгиско државјанство, а во април 2013 година ја повлече апликацијата како „гест на посветеност на Франција и верба во нејзината иднина“.

„Ројтерс“ објави дека во 2017 година, францускиот претседател, Емануел Макрон, го укинал деценискиот данок на богатство во Франција, кој бил наметнат за лицата со средства над 1,3 милиони евра, потсетува „Бизнис инсајдер“, кој побарал мислење од Зукман и од претставниците на ЛВМХ, но не добил одговор.

Leave A Reply

Exit mobile version