Министерството за здравство подготви нов Предлог-закон за заштита од пушењето, кој предвидува строга забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории. Мерката е усогласена со европските стандарди и препораките на СЗО, со цел да се воспостави универзално правило за заштита на граѓаните без исклучоци.

Од Министерството појаснуваат дека пушењето останува личен избор, но дека заедничкиот затворен простор не смее да претставува ризик за туѓото здравје. Законот не го забранува пушењето воопшто, туку децидно определува каде тоа е недозволиво.

Квалитетот на воздухот во затворените објекти е директно поврзан со здравјето, а чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта и намален ризик од хронични заболувања. Изложеноста на чад во новиот закон се третира како прашање на безбедност при работа.

Особено се нагласува заштитата на персоналот во угостителските објекти, кој е најдолго изложен на штетните влијанија.

„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство Азир Алиу.

Според него, овие мерки ќе привлечат повеќе семејства и туристи, што долгорочно е бенефит за самиот угостителски сектор.

Exit mobile version