Министерството за внатрешни работи и Фондацијата „Фросина Кулакова“ официјално потпишаа Меморандум за соработка во насока на зголемување на безбедноста во патниот сообраќај.

Фондацијата е формирана во чест на младата Фросина, која трагично го загуби животот на пешачки премин поради неодговорно однесување во сообраќајот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека овој чекор претставува јасна насока за создавање на поефикасен превентивен систем во кој човечкиот живот е приоритет.

„Потпишавме Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Фондацијата „Фросина Кулакова“, создадена во чест на Фросина – млад живот трагично згаснат на пешачки премин, на зелено светло, поради несовесно и неодговорно однесување во сообраќајот. Ова претставува заедничка определба трагедиите да не се повторуваат, човечкиот живот да биде највисок приоритет, а институциите, заедно со граѓанскиот сектор, да создадат посилен и поефикасен систем на превенција, заштита и поддршка.“

Со овој документ се планираат интензивни превентивни кампањи, поддршка за жртвите од сообраќајни незгоди и унапредување на институционалната доверба.

„Со меморандумот предвидуваме заеднички активности и кампањи за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот, јакнење на превентивните механизми, поддршка на жртвите и нивните семејства, како и унапредување на довербата во институционалното постапување.“

Тошковски најави дека полицијата продолжува со техничко засилување на контролата преку актуелните превентивни и софтверски системи во главниот град.

„Безбедноста во сообраќајот не е прашање само на казни и санкции, туку на свест, култура, одговорност и систем кој навреме препознава ризици и спречува трагедии. Токму затоа продолжуваме со имплементација и надградба на системот Safe City, но и со нови превентивни политики чија цел е да спасуваат човечки животи.“

Министерот се осврна и на последната тешка сообраќајна несреќа која се случи синоќа на скопската обиколница, упатувајќи апел за одговорност зад воланот.

„За жал, синоќешната тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница уште еднаш нè потсети колку е важно внимателното и одговорното однесување зад воланот. Една секунда невнимание е доволна за последиците да бидат трајни и ненадоместливи.“

Exit mobile version